Руските царински власти потврдија дека увозот на македонски производи се реализира без никаков проблем.

Три камиони свежо овошје и зеленчук или околу 60 тони веќе ја поминале границата со декларација на која стои ПЈРМ и сертифкат на кој го пишува новото име – Република Северна Македонија.

Како што изјави директорот на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев, застој во пласманот воопшто нема.

Руски увозник, објасни Бешлиев, деновиве испратил до својот партнер во земјава предупредување дека е можно руските фитосанитарни служби да реагираат за сертификатот што е веќе со променетото име на нашата држава и дека во таков случај, ризикот за финансиските трошоци за таа пратка би бил на товар на македонската компанија.

-Веднаш стапивме во контакт со институциите и ни беше потврдено дека такво нешто нема и не постои од руска страна. Значи, тоа беше само предупредување од некои руски увозници кон нивни партнери во земјава. Но, ние во меѓувреме, во консултација со руските партнери, испративме информација до членките на нашата Комора да почекаат до почетоков на неделава, денеска и утре, да не испраќаат производи, да не тргнуваат за викенд за ако некаде се јави проблем, да може да се реагира. Но, такво нешто нема. Веќе имаме потврда од руските царински власти дека без никаков проблем се примени, односно увезени македонските проиозводи, конкретно во Калининград. Проблем со извозот нема. Декларациите се со ПЈРМ, но прифатен е сертификатот на кој стои Република Северна Македонија, рече Бешлиев.

Според Бешлиев, апсолутно нема никаков проблем меѓу двете држави, ниту такво нешто се очекува. Се работи за ниво на деловен однос, меѓу партнерите, а Комората побарала од своите членки да почекаат со извозот, за да не се случи да имаат евентуално некаков дополнителен трошок.

-Затоа ги посоветувавме нашите членки. Тоа и ни е работа. Подобро е ден или два да почекаат, да останат тука за време на викенд, да не ги товараат камионите и да немаат трошоци на нивна страна. Кога ќе имаме потполна информација, како што сега веќе имаме доказ дека е поминато, да можеме да им кажеме дека се е во ред, истакна Бешлиев.

Во јануари годинава, според податоците на Комората, македонскиот извоз во Русија во јануари годинава  е зголемен за 41 и достигнал 2,6 милиони американски долари.