Со ребалансот на Буџетот ќе се кратат средства за мебел и возила, а ќе се додаваат за електрична енергија и енергенси, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во гостувањето на ТВ Сител, Бесими, кој учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка во Вашингтон, истакна дека ребалансот ќе биде доставен до Собранието веројатно до крајот на мај и со него е предвидено линеарно намалување на тековните расходи.

-Со ребалансот ќе се сведат на минимум или на нула средствата за возила и за мебел, а ќе се кратат и други ставки, додека кај трошоците за електрична енергија и енергенси ќе се додадат, нагласи министерот.

Според Бесими, со ребалансот веројатно ќе има потреба и за зголемување на дефицитот.

Бесими рече дека заемот што земјава го бара од ММФ ќе биде со еден отсто камата, но деталите за неговото искористување допрва ќе се дефинираат. Парите од задолжувањето ќе се користат за поддршка на Буџетот.