Буџетот е добро позициониран за да може да ја издржи кризата. Подготвени сме навремено да одговориме на секој предизвик. Кризата е сериозна и може да потрае со оглед на она што се случува во Украина и на светско ниво што значи дека мораме да се подготвиме за маратон, оценува министерот за финансии Фатмир Бесими во интервјуто за МИА.
Вели дека се подготвуваат таргетирани антикризни мерки, не сакајќи да прејудицира кога би почнала нивната имплементација, но смета дека најважни се последниот квартал од годинава и наредниот квартал од следната година.
– Не би сакал да прејудицирам со датуми, но она што сите го очекуваат е кога ќе биде најважно. Тоа е последниот квартал од годината и наредниот квартал на годината. Мислам дека ги правиме сите неопходни чекори не само од аспект на мерки, туку и од аспект на заштеда на енергија, вели Бесими.
Додава дека зимата ќе биде тешка и дека е важно да се обезбедат доволни количини на електрична енергија и храна за да може да се преброди овој период и од следната година да имаме стабилна основа за раст.