Заменикот министер за Безбедносните сили на Косово (ФСК), Бурим Рамадани изјави дека владата ги завршува подготовките за трансформација на ФСК, по пат на законски измени, во војска на Косово, но без да се смени името на оваа вооружена формација, јави дописникот на МИА од Приштина.

Рамадани синоќа во интервју за телевизијата „Клан Косова“ рече дека по завршувањето на овој процес, кој треба да се заврши во текот на оваа есен, ќе се направи обид и за промена на Уставот, со цел да се смени името, но и без тоа трансформацијата ќе се изведе.

Според него, овој процес не е поврзан со преговорите меѓу Косово и Србија со посредство на Европската унија, бидејќи такво нешто никогаш не побарале ниту „пријателите од меѓународната заедница“.

– Процесот на дијалогот и процесите на ФСК се сосема одвоени, бидејќи ФСК има војнички процедури кои не можат да се постават на политички нивоа, посочи Рамадани.

Тој нагласи дека нема ниту притисоци од меѓународниот фактор за овие процеси да се поврзат еден со друг.

– Намерата на институциите е транзицијата да се изврши по пат на уставни измени, бидејќи тоа ни овозможува ФСК да го смени името (…) Меѓутоа тоа не ја блокира можноста новиот мандат на ФСК да се направи преку законски измени. Со закон ќе го смениме мандатот, но не и името и ова ќе се случи на есенската сесија (на Собранието), истакна Рамадани.