Уличните кучиња во Скопје годишно каснуваат по 400.000 евра од Буџетот на Градот, колку што се исплатува отштета на каснати граѓани од кучиња скитници.

Годишно во Скопје се пријавуваат по 600 граѓани искаснани од улични кучиња. Според податоците на МВР, во 2019 пријавени се 618 случаи, во 2020 каснати биле 647, а лани 657 скопјани. Од почетокот на оваа година до 15 април 157 граѓани пријавиле дека биле каснати од кучиња.

Граѓаните кои се каснати од куче може да го тужат Град Скопје и досега случаите се решаваа преку судски процеси. Лани за отштети на граѓани и судски трошоци Градот исплатил околу 400.000 евра. За да се намалат трошоците, сега Град Скопје нема предметите да ги решава по судски пат туку спогодбено со каснатите граѓани, а отштетата која ќе им се исплаќа нема да биде повисока од 100.000 денари.

– Со цел да се намалат трошоците кои се исплаќаат на адвокати, вештаци, извршители и други трошоци поврзани со постапките, се предлага Град Скопје да пристапи кон вонсудско спогодбено решавање на овие барања, се наведува во одлуката која треба да се гласа на седницата на Советот на Град Скопје в среда.

Според слободна проценка годишно Град Скопје со исплатени 400.000 евра отштета за каснати од кучиња може да изгради 10-тина станови за бездомни граѓани и семејства.