Поранешна секретарка на ЕсЕс командантот на концентрациониот логор „Штутхоф“, Ирмгард Фурхнер најверојатно ќе биде последна на која и се суди за нацистички воени злосторства.

На 97-годишната Фурхнер (97) ѝ се суди повеќе од една година, а пресудата треба да биде изречена денеска. Таа е обвинета за учество во 11.412 убиства за време на нејзината работа во логорот „Штутхоф“, којшто се наоѓа близу денешен Гдањск, Полска.

Обвинителите тврдат дека таа помагала и ги охрабрувала одговорните во логорот систематски да ги убиваат лицата затворени во периодот од јуни 1943 до април 1945 година. Така наречената секретарка на злото имала само 18 години кога почнала да работи во логорот, во кој се убиени вкупно над 60.000 луѓе.

Фурхнер, која главно одбиваше да одговара на прашања за време на судењето, во своите завршни зборови рече дека ѝ е жал за она што се случило и затоа што воопшто била таму тогаш.

Рајнер Шулце, германски историчар и професор на Универзитетот во Есекс, смета дека ова веројатно ќе биде последно судење на нацистите за воени злосторства.

– Кога советската Црвена армија се приближила до логорот во последните денови од војната, чуварите на логорот преместиле илјадници затвореници под изговор за евакуација. Ги ставиле во мали чамци и ги турнале во Балтичкото Море. Луѓето умирале во тие чамци поради изложување на сонце, без вода, без храна, изјави проф. Шулце.

Во хаосот на крајот на Втората светска војна, многу високо поставени нацисти побегнаа во странство, додека други продолжија да водат нормален живот во Германија. Последниве години, особено по промената на Законот, неколку поранешни чувари и пониски соработници беа обвинети за воени злосторства при нацистичкиот режим.

Се проценува дека за време на војната во „Штутхоф“ биле депортирани дури 100.000 луѓе. Местото било опкружено со наелектризирани бодликава жица и условите биле ужасни. Многу затвореници починале и поради епидемија на тифус, а оние кои чуварите ги сметале за премногу слаби или болни за работа, биле убивани.