Снимањето на биографскиот филм за поранешниот француски фудбалер и од неодамна селектор на Франција Зинедин Зидан, со работен наслов „Un destin“ (Судбина), треба да започне во јануари 2027 година во Марсеј и околината, јавија денеска француските медиуми.
Филмот ќе го следи животот и кариерата на еден од најпознатите фудбалери во светот, од неговото детство во областа Кастелан во Марсеј, до освојувањето на Златната топка и Светското првенство во 1998 година, па сè до неговиот успех со Реал Мадрид.
Филмот ќе опфати и настани од Светското првенство во 2006 година, вклучувајќи го и инцидентот во мундијалското финале кога Зидан го удри со глава италијанскиот репрезентативец Марко Матераци.
Според француските медиуми, аудициите веќе се во тек, а продукцијата бара актери кои ќе ги играат улогите на членови на семејството со кабилско потекло, домородно северноафриканско берберско население, млади фудбалери и истакнати личности од светот на францускиот фудбал, вклучувајќи ги Бернар Тапи, Аме Жаке, Биксент Лизаразу и Кристоф Дугари.
Според најавите, филмот да го режира Али Бугераба, 50-годишен режисер од алжирско потекло, кој во младоста тренирал во младинската академија на фудбалскиот клуб Олимпик Марсеј




