Во овој момент нема поднесено барања за поскапување на струјата, операторите треба да ги достават до крајот на месецот, па потоа Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ)ќе заседава и ќе одлучува, изјави нејзиниот претседател Марко Бислимовски.

Тој во Утрински брифинг порача граѓаните да ја штедат струјата оти таа е скап енергенс.

– На пазарот цената на струјата се движи од 220 до 230 евра за киловат час, а исто висока цена имаме и за цела 2023 година, вели Бислимоски.

Тој нема добри вести и за природниот гас, особено што од утрово се затвора гасоводот што минува низ Украина.

-Со податоците што ги добиваме од ЕСМ обезбедени се резерви од јаглен од домашно производство за РЕК. Но нашиот јаглен е помалку квалитетен па се увезува и се меша. Добро е што имаме добра хидролошка година, но сега треба да се почне да се штеди. Имаме појави во некои општини на недомаќинско трошење, вели Бислимоски.

Коментар даде и за тоа дека некои општини исклучуваат улично осветлување.

– Треба да сфатиме дека мора да се штеди бидејќи сме енергетско увозна земја. Сферата на улично осветлување е во доменот на општините и тие ги донесуваат одлуките. Цените на струјата се во драматичен раст. Затоа ќе воведеме блокови за домаќинствата за да се ограничи потрошувачката на струја, односно да се троши рационално. Ќе има два или три блока за скапата тарифа, а евтината тарифа нема да има блокови и ќе биде неограничена по иста цена. За скапата тарифа и поделбата на блокови собираме податоци за да определиме една точна категоризација на блоковите. Има потрошувачи кои живеат во згради и се греат на струја и поентата е тие да не бидат казнети ти немаат услови за друг вид греење. Но, имаме домаќинства, обично богати домаќинства, кои имаат енормна потрошувачка на струја, вели Бислимоски.

Тој додава дека „казнети“ ќе бидат оние кои имаат енормна потрошувачка на струја, но не и оние домаќинства кои се греат на струја.

– Некои земји имаат можности да складираат природен гас, но ние немаме такви капацитети, но ни услови со оглед дека сме трусно подрачје. Ние имаме 100 отсто зависност од рускиот гас и Газпром. Немаме интерконективна врска со Србија и Грција, па само со Бугарија можеме да правиме договори Во тек е договор за интерконекција со Грција за гас од Азербејџан, вели Бислимоски.

Домашните ресурси секогаш се одобра опција, вели Бислимоски.

– Тие што екстремно трошат електрична енергија за копање биткоини, ќе плаќаат екстремно висока цена. Но, ќе треба да бидат регистрирани сите оние кои го прават тоа и да плаќаат даноци. Факт е дека сега трошат евтина струја за домаќинствата, но со новиот тарифник кој треба да се донесе некаде во јуни рабтите ќе се сменат, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.