Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски денеска најави нови цени на горивата. Дизелот, како што рече, ќе поевтини за два денара.
-Уште еднаш се потврдува дека РКЕ работи по јавно објавена методлогија, а до 2019 година методологијата беше таен документ и не смееше да се објави. Тие што не ставија на билборд, сега јавно да се извинат и да кажат дека лажеле, истакна Бислимовски, одговорајќи на новинарски прашања по работната средба со претставниците на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) во Стопанската комора.
Бислимовски ги „измеша“ нафтата и гробот на Александар Македонски:
– РКЕ определува цена на нафтени деривати врз основа на цена на нафтени деривати на берза и курс на долар. Ако некој мисли дека во Македонија има свои резерви на нафта и можеме ние сами да си правиме цени, јас го отстапувам своето место и нека прави цени какви што смета од сопствено производство. Најверојатно секогаш околу Свети Николе кажуваат дека има, и гробот на Александар Македонски бил и нафта дека имаме. Верувам дека конечно нешто ќе најдат и ќе помогнат на граѓаните, рече Бислимовски.
Денеска Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,42% во однос на одлуката од 25.07.2022 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,645%, кај дизелот за 2,347%, кај екстра лесното масло за 2,102% и кај мазутот намалување за 0,05%.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,00 ден/лит и сега ќе изнесува 94,00 ден/лит.
Од 28.7.2022 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 95,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 98,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 94,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 94,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 52,840 (денари/килограм)