Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната прес-конференција во Собранието предупреди дека новото задолжување на Владата од 260 милиони евра ќе чини многу поскапо земјаќи ја предвид високата камата, при што само за камати државата ќе плати 58 и 64 милиони евра.

Битиќи посочи дека цената за ваквото скапо задолжување ќе ја платат граѓаните уште пред да се почувствува каков било економски ефект.

– Според актуелниот шестмесечен ЕУРИБОР од 2,562 % и договорената маржа од 2,10-процентни поени, овој заем во моментот би чинел околу 4,66 % годишно. Во зависност од конечниот распоред на отплата, државата би платила приближно меѓу 58 и 64 милиони евра само за камати, а со еднократниот надоместок од 3,64 милиони евра директниот финансиски товар се движи од 61 до 67 милиони евра, без дополнителните агенциски и други трошоци. Ова е реалната цена што граѓаните ќе ја платат уште пред да почувствуваат каков било економски ефект – рече Битиќи.

Тој смета дека „парите од новото задолжување нема да бидат искористени за подобрување на животниот стандард на граѓаните, туку за криминалните тендери на Владата“.

– Најстрашно е што овие пари не одат кај граѓаните, не одат за повисок стандард, туку за партиски тендери, омилени фирми и луксузирање на власта. Затоа, СДСМ, како што најави, ќе се спротивстави на ова задолжување – рече Битиќи.

Тој посочи дека за две години Владата создала рекордно ниво на нов долг.

– За две години Мицкоски создаде нов долг од 2,5 милијарди евра, а јавниот долг се зголеми на историски највисоки 11 милијарди евра, долг што ќе го плаќаат идните генерации – рече Битиќи.

Линк до видео: https://www.youtube.com/watch?v=WO6hmVESfmM 

Фото: СДСМ