Можното зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за електричната енергија од 5 на 10 отсто од 1 јануари идната година е само една од ставките во конечната цена која ја утврдува Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), но далеку сме се уште од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието, оцени денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Ние се уште ги правиме пресметките што значат импутите за следната година. Затоа преземаме мерки веќе една и пол година за импутот во дефинирање на цената за следната година да не биде удар за самите граѓани, рече Битиќи во одговор на прашање по официјалното отворање на „Вториот македонски конгрес за патишта 2022“ во организација на Друштвото за патишта.
Потсети дека Владата преку ЕСМ нудеше електричната енергија кон ЕВН хоум со многу пониска субвенционирана цена.
-Тоа може да биде една од работите за да се амортизира евентуалното зголемување, но далеку сме се уште од тоа да ги согледаме сите параметри, а РКЕ да одреди кое и какво ќе биде влијанието. Свесни сме дека енергетската криза е тука и дека мора да има одредено покачување на цената на електричната енергија, но да биде колку што е можно поблаго за да се намали ударот кај граѓаните. Сметам дека тоа е императив за Владата, посочи Битиќи.