Денеска во Битола се одржа протест против полициската бруталност кој доаѓа како реакција по инцидентот што се случи завчера кога битолчани од ромската заедница беа тепани од полициски службеници откако направиле сообраќајка.

Дојдоа на местото каде  се случи полициска бруталност да го изразат својот револт, но и да подадат рака за помирување. Битолските Роми денеска излегоа на протест на улицата кај главната Пошта каде во понеделникот неколку нивни сограѓани беа претапани од полицајци, откако под дејство на алкохол со автомобил удрија во електричен столб. Со транспаренти „Стоп за полициската бруталност“, „Едно општество за сите“ преку Широк Сокак дојдоа до зградата на полицијата и  упатија порака –  вакво насилство никогаш да не се повтори. Ромските деца им подарија цвеќе на полицајците.

-Овие млади деца се иднината на нашето општество и треба да ги гледаат полицајците како заштита,  а не како непријатели. Ова е гест за помирување и сакаме да не се случуваат повеќе вакви немили настани, сакаме подобра иднина, рече Ремзи Медик, од НВО „Баирска светлина“, пренесува ТВ Телма.