Патнички авион боинг 737 на Ер Ниугини во Микронезија ја промашил пистата за слетување на аеродромот Вено за околу 150 метри и завршил во лагуна во океанот каде што почнал да тони.

Како што пишуваат локалните медиуми, патничкиот авион денеска слетал во океанот откако не успеал да ја погоди пистата на малиот остров во Микронезија, во Тихиот Океан, но за среќа сите патници и членови на екипажот се спасени од авионот.

На фотографиите и видео-снимките објавени на социјалните мрежи се гледа како локалните жители им помагаат на патниците и членовитена екипажот да се спасат.

Според тврдењето на компанијата од Папуа Нова Гвинеја, авионот летал на линија меѓу Порт Морезби и осторвот Понпеија, со планирано слетување на Вено.

Засега нема информации за причината за несреќата.

– Ми се причини дека имаме само незгодно слетување, но тогаш видов дека околу нас секаде е вода. Помислив дека тоа не треба така да изгледа, малку се пошегува еден од патниците, додавајќи дека е среќен што ја преживеал несреќата.

Ер Ниугини е национална авио-компанија на Папуа Нова Гвинеја, а Микронезија се наоѓа северно од Австралија и источно од Филипини и таму живеат околу 100.000 жители.