Се реализираат инвестиции со кои се поттикнува локалниот економски развој и со кои се овозможува развој на сите региони и општини во земјата. Природните убавини се вистински предизвик за туристите, а земјава има голем број мали места со голем туристички потенцијал кои треба да се промовираат и да се понудат и на домашните и на странските гости, рече вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска која денеска заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски и заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески ја посети општина Конче.

Царовска, Милевски и Павлески направија увид во градежните работи на потпроектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на сончевата езерска населба Мантово и околината, а беа придружувани од градоначалникот Благој Илиев. Овој потпроект, кој е во завршна фаза и е во вредност од 295 илјади евра е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, а се спроведува со финансиски средства на Владата на Република Северна Македонија и Европска Унија и во соработка со канцеларијата на Светска банка.

-Инвестицијата во проектот за подобрување на пристапноста и атрактивноста на „Сончевата населба Мантово“, во вредност од 295 илјади евра, со која се доопремува и се зголемува атрактивноста на оваа локација ќе придонесе кон локалниот економски развој на општина Конче. Воедно, во оваа ситуација, во којашто се наоѓаме како држава, а во која се наоѓа и целиот свет, кога сме насочени да работиме во посебни услови поради здравствената криза, ќе можеме оваа година како граѓани да се свртиме кон домашните атрактивни туристички места и на тој начин да им дадеме на значење. Сметам дека патот кој е направен и уредувањето на просторот, преку финаниската поддршка обезбедена со проектот, даваат поинаква и поубава слика за оваа туристичка локација и ќе придонесе кон привлекување на поголем број домашни и странски туристи. Овој потпроект е дел од Проектот за локална и регионална конкурентност, и не би била можна без финанската поддршка од Европската Унија и поддршката од Светската банка, преку која целиот проект се реализира, потенцира вицепремиерката Царовска.

Таа додаде дека со Проектот за локална и регионална конкурентност се реализираат повеќе потпроекти во 10 дестинации во земјата, пришто додаде дека вложувањата коишто во моментот се реализираат за зголемување на атрактивноста на овие туристички локации ќе придонесат за справување со економската криза, предизвикана од здравствената криза, а понатаму и за побрз равој на алтернативниот туризам.

Според министерот Милевски, овој проект е продолжение на активностите што беа почнати од Министерството за локална самоуправа и кои се дел од прекугранична соработка преку ИПА програмата со Република Бугарија и Република Грција.

-Сега со овие нови патишта во должина од 6,5 километри и со пешачките патеките во должина од 3 километри, го доопремуваме и го правиме попристапен за граѓаните и туристите овој предел. Министерството за локална самоуправа, преку проекти на Бирото за регионален развој инвестира дополнителни 200 илјади евра за изградба на нови улици во Сончевата езерска населба Мантово и околината, со што ги подобруваме условите за живеење на граѓаните, но и ги унапредуваме можностите за изградба на нови сместувачки капацитети или викенд куќи во населбата. Се надеваме дека ова место ќе биде атрактивна туристичка дестинација за граѓаните, особено од околните населени места и особено во овој период кога здравствената криза ја ограничува можноста за планирање на одмори надвор од земјата, рече Милевски.

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески напомена дека во изминатите три години преку буџетот на државата и со финансиски средства од странските донатори, за локален и регионален развој се инвестирани преку 100 милиони евра.

-Искористувањето на различните програми за регионален развој го имаме денес, во општина Конче, на езерото Мантово. Му честитам на градоначалникот на општината кој ги препозна можностите кои се нудат преку овие проекти. Тука се реализирани три проекти, од различни програми: преку Проектот за локална и регионална конкурентност, преку ИПА програмата за прекугранична соработка, но и преку Програмата за рамномерен регионален развој, напомена Павлески.

Градоначалникот на општина Конче, Благој Илиев, изрази задоволство од поддршката на Владата и Министерството за локална самоуправа во реализација на проекти со кои се подобрува животот на граѓаните и се унапредуваат можностите за локален економски развој и истакна дека општината ќе продолжи да реализира проекти во насока на повисок квалитет и подобри можности за граѓаните.