Управата за јавни приходи за две недели во април собрала за 38 отсто помалку приходи, додека во март падот е за 24 отсто во однос на планираното. Наплатата на ДДВ е намалена за дури 80 отсто, следи данокот на добивка со пад од скоро 10 отсто и данокот на личен доход со намалување од 6 отсто. Пораст имало само кај придонесите.

Во угостителството прометот во март бил намален за половина. Од УЈП велат дека им излегле во пресрет на сметководителите, па рокот за достава на ДДВ пријави бил продолжен до крајот на април.

Директорката Лукаревска тврди дека во периодот од јануари до март извршиле поврат на ДДВ во вредност од речиси 109 милиони евра или за 14 отсто повеќе од истиот период лани. Се труделе прво да им вратат пари на најзагрозените фирми.

Дел од граѓаните се жалат дека и натаму им се блокираат сметки и покрај Уредбата на Владата. Лукаревска тврди дека УЈП не спроведува постапки за присилна наплата. Вели дека можеби се работи за преземени дејствија пред воведување на вонредна состојба и дека граѓаните имаат опција за плаќање на рати.

Инаку на повикот на Владата, фирмите да се солидаризираат и предвреме да платат данок на добивка, ретко кој се одзвал, односно само 20-тина фирми до крајот на март. Директорката не соопшти дали меѓу нив се и компании во сопственост на семејството на поранешниот премиер Зоран Заев, бидејќи тој се пофали дека е еден од најголемите донатори во земјава.