Со пакетот мерки спасуваме 250.000 работни места, им помагаме на работниците и на над 35.000 компании, истакна денеска портпаролот на СДСМ и доскорешен пратеник, Костадин Костадинов.

– Владата предводена од СДСМ презема сериозни чекори и мерки за заштита на здравјето на граѓаните и надминување на економските последици од глобалната пандемија со коронавирусот. Со пакетот мерки државата спасува 250.000 работни места, им помага на работниците и над 35.000 компании. Се бориме за секое работно место, за секој работник, да ги зачуваме работните места и да обезбедиме приход за секој човек. Еден од инструментите за помош и поддршка на домашната економија се и бескаматните кредити кои им се ставени на располагање на микро, малите и средни претпријатија. За оваа мерка има голем интерес од компаниите. Во втората група апликации одобрени се нови бескаматни кредити за дополнителни 118 компании со 1.116 вработени.Во двете групи досега, одобрени се бескаматни кредити за 254 претпријатија со над 2.800 вработени.  Досега во Развојната банка се доставени и веќе се разгледуваат повеќе од 1.050 кредитни апликации од страна на микро, мали и средни претпријатија. Оваа мерка ќе ја подобри ликвидноста на компаниите погодени од кризата и ќе им помогне полесно да ги надминат негативните последици, рече Костадинов.

Натаму тој додаде:

– И додека Владата наоѓа мерки и решенија со кои се обезбедуваат дополнителни средства за спас на работните места, од ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со праксата, неодговрно да се однесуваат и да предлагаат несериозни мерки за да им се земе на граѓаните. Со предлогот за ограничување на преносот на придонесот за задолжително и капитално финансиско пензиско осигурување на ВМРО-ДПМНЕ сакаше да им ги земе парите на граѓаните од приватниот пензиски столб. ВМРО-ДПМНЕ сака да се дерогира целокупниот пензиски систем и да се посегнува по парите на над 500.000 осигуреници, да се загрозат пензиите. Тоа не го дозволивме, пензионерите можат да бидат спокојни. Сите знаат дека ВМРО-ДПМНЕ за време на неодговорното и криминално владеење направи целосен колапс на пензискиот систем, којшто сегашната Влада со одговорни реформи го стабилизираше. Преку одговорни политики успеавме и да го намалиме дефицитот за 3,7 милијарди денари, а истовремено да ги зголемиме пензиите, рече Костадинов.