Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен ја одложи посетата на Кина по аферата со кинескиот балон кој беше „уловен“ на небото над САД, јави Би-би-си.
Кина вели дека балонот се користел за метеоролошки истражувања, но одлутал од трасата поради лошо време. Властите на САД, пак, се сигурно дека станува збор за кинески „извидувачки“ балон.
Сепак, донесена е одлука да не го соборуваат, поради опасноста од парчињата што ќе паѓаат на земја кога би го собориле и поради тоа што потенцијално собраните податоци од шпионирањето се безначајни, објаснува Би-би-си, повикувајќи се на фунцкионер од американската одбрана.
Блинкен требаше да биде во Кина во недела и понеделник и да се сретне со својот кинески колега и евентуално со кинескиот претседател Сји Ѓинпинг.
Во меѓувреме, кинеското министерство за надворешни работи издаде соопштение со „жалење“ за инцидентот и порача дека ќе соработува со САД за надминување на проблемот.
Балонот изминативе денови беше виден над „сензитивни подрачја“, а САД се цврсто убедени дека станува збор за шпионажа, и покрај негирањето од Кина. Тој ги надлетал Алеутските Острови кај Алјаска и потоа се движел над Канада, а во средата бил виден над градот Билингс во сојузната држава Монтана. Во оваа американска држава има силоси за ракети со атомски боеви глави.