Украина се наоѓа во „критичен момент“ во војната со Русија и итно и е потребна поголема поддршка од Западот, изјави денеска американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

„Апсолутно е неопходно Украинците да добијат одбранбени резерви, особено кога станува збор за муниција и противвоздушна одбрана“, рече Блинкен за време на посетата на Франција, пренесува Ројтерс.

Тој посочи дека поради оваа причина американскиот претседател Џо Бајден побарал од Конгресот што поскоро да обезбеди дополнителен буџет за воена помош за Киев. Бајден побара од Претставничкиот дом на САД, под контрола на републиканците, да го поддржи пакетот за воена и финансиска помош, но претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон го одложи прашањето со месеци.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека доколку Украина не добие помош, неговите сили ќе мора да се повлечат „со мали чекори“.