Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека немал сознанија за никакви доверливи документи. Тој го изјави ова откако во центарот Пен Бајден беа откриени некои доверливи документи од времето кога актуелниот американски претседател Џо Бајден беше потпретседател во администрацијата на претседателот Барак Обама.
Блинкен беше генерален директор на Пен Бајден Центарот за дипломатија и глобален ангажман, кој беше поврзан со Универзитетот во Пенсилванија, но беше со седиште во Вашингтон.
– Исто како што слушнавте од претседателот Бајден пред една недела, бев изненаден кога дознав дека во Центарот Пен Бајден се присутни какви било владини документи. Не знаев за тоа во тоа време, рече Блинкен на прашањето на новинарите за документите, додавајќи дека целосно ќе соработува со истрагата на Министерството за правда.
Адвокатскиот тим на Бајден минатата недела објави дека откриле околу 10 досиеја во заклучен плакар во Центарот Пен Бајден во Вашингтон во ноември и дека тие биле предадени на Националниот архив.
Два дена подоцна, на 12 јануари, Белата куќа објави дека во домот на американскиот претседател Џо Бајден е пронајден втор сет на доверливи документи од времето кога тој беше потпретседател во администрацијата на Барак Обама.
Адвокатите на претседателот пронајдоа документи во гаражата на куќата на Бајден во градот Вилмингтон, Делавер, а еден доверлив документ е пронајден во соба до гаражата, се вели во соопштението на Белата куќа.