Под мотото „Душата на Македонија во Корча“ вечерва во овој албански град со богата културно уметничка програма завршува „Неделата на македонската култура во Албанија“.

Настанот се одржува во Старата чаршија, почнува во 17 часот.

-На овој значаен настан најпрво ќе се обрати амбасадорот Веле Трпески по што ќе биде отворена изложба на фотографии „Убавините на Преспа“ на Пали Колефски, по што обраќање ќе има Јане Атанасов со неколку значајни и инспиративни афоризми, објави македонскиот Културно информативниот центар во Тирана.

Во рамки на вечерта ќе биде изведена монодрамата „Меѓникот“ во изведба на Доне Донев посветена на Крсте Петков Мисирков. Следува настап на фолклорната група „Преспа“ и музички настап на Кристијан Ѓорѓи, Марјан Трајче и Оливер Христовски.

Коорганизатор на настанот е Здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“, чија претседателка Елена Симонофски најавува прекрасна дружба и незаборавни мигови во духот на македонската култура и дух.

Пред многубројна публика во Тирана, на 3 септември, свечено беше отворена „Неделата на македонската култура во Албанија“. Воедно, со овој значаен настан беше одбележана и 35-годишнината од независноста на Македонија. (МИА)