Никогаш не можам да докажам дека нарачував масло од канабис, изјави синоќа на ТВ1 пратеникот Павле Богоевски, кој даде оставка по аферата со аудио снимката која се појави на инетренет.

-Треба да си го поставиме прашањето дали се уште се преземаат мерки за следење на комуникација на актуелни функционери, дали некој друг можеби располага со снимките коишто беа објавувани преку бомбите и како ги користат тие материјали? Кога беа објавувани бомбите институциите молчеа на очигледните злоупотреби и индиции за сторени кривични дела. Овде имаме директно објавување во јавноста и ставање на тапет и пред јавен линч, вели сега Богоевски, кој немаше таков став кога нелегалните прислушкувања се објавуваа како „бомби на Заев“.

Сега Боегоевски тврди дека „снимката била порака пред седницата за одземање на мандатот на Никола Груевски, без разлика дали е од Груевски, а тој сакал да им го преврти наративот на глава“.

По вчерашната седницата за одземање на мандатот на Груевски, на комисијата која ја водеше Богоевски, тој вчера се огласи на Фејсбук.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа, иако беа присутни во салата. Останува да видиме дали доволен број од нив ќе имаат сила да се одречат од својот пастир на пленарната седница, каде се потребни 80 гласа за одземање на мандатот на почесниот претседател во бегство. Според Деловникот, за мандатот треба да се расправа на наредната пленарна седница. Писмото за престанок на мојот мандат ќе го заверам во службите по гласањето, без разлика на исходот. Збогум Никола, напиша Богоевски.