Сценаристот и режисер Јани Бојаџи, по синоќешната македонска премиера на неговиот дебитантски филм „Ругање со Христос“ на отворањето на 3. Меѓународен фестивал на дебитантски филм „Киненова“, ја повика Владата да го остави филмот да заработува и да се прикажува низ Македонија.

Бојаџи, на денешната прес-конференција во МКЦ, рече дека вчерашниот настан за него била совршената можност за тој и филмот да се разделат и филмот да си тргне по неговиот, а тој по својот пат.

– Веќе јас не сум важен и на филмот му посакувам добра среќа и да се сретнеме сите некаде пак. Важно беше да се случи таа премиера за да се отвори таа порта и паднат сите маски. Тука јас завршуваме, еве го филмот. Ако отвора општествени дискусии, мене ќе ми биде драго да се разговара, рече Бојаџи.

Крајната идеја на филмот, продолжи тој, е да се гледа во кино, но дека само Штип прифатил во понеделник да се направи премиера.

– Сите други центри за култура во Македонија кои поседуваат технички можности прво прифатија, а потоа одбија да го прикажуваат со образложение дека немаат ниту еден единствен слободен термин до крајот на годината и да им се јавам после Божик следната година, рече Бојаџи.

Нагласи дека филмот е финансиран од државата и центрите за култура се на државата, односно дека директорите на кино салоните ги именува Владата, но сега тие не му дозволуваат да се прикажува и заработува.

– Филмот ќе си има фестивалски живот, но бидејќи е нискобуџетен филм со 280 илјади евра, кои се уште не се сите исплатени и имаме инспекции, а една апликација на посериозен фестивал чини 100 долари, целата моја идеја беше да дојдам до премиера, да го прикажувам и заработувам и половина од нив да потрошам на апликации, рече Бојаџи.

Филмот освои награда на фестивалот во Монтреал, каде што беше светската премиера. Но, истиот е на удар на властите во Македонија, кои вршат притисок за маргинализирање и цензура оти не им одговара на дневно-политичките состојби и потреби.