Именката бојкот и глаголот бојкотирам, во наредниве два месеца, сигурно ќе бидат најупотребуваните зборови во нашата политичка и во секојдневната комуникација. И најчесто во фрази поврзани со зборот референдум. Интересно е дека зборот бојкот е ист во скоро сите јазици во светот. И идентично се изговара.
Терминот бојкот, во дигиталниот речник на македонскиот јазик, означува прекин на врските, отфрлање или исклучување на некоја општествена група или поединец, најчесто како средство за притисок во политичка или во економска борба.
Истиот корен на зборот за истата појава се употребува и на англиски, азербејџански, албански, германски, романски, дански, шпански, италијански, португалски, руски, монголски, јапонски… И речиси на сите јазици.
Зборот бојкот почнал да се употребува за време на тн. Ирска војна за територии кон крајот на 19 век.
Чарлс Бојкот (Charles Boycott), човекот од чие презиме потекнува зборот кој означува бунтовност, отфрлање и исклучување на група, поединец или појава, е роден на 12 март 1832 година во Англија. Во младоста се запишал на Кралската воена академија, но, во 1849 бил исклучен од академијата поради неположен испит. Една година подоцна, неговото семејство платило 450 фунти за да влезе во 39. пешадиски полк. Плаќањето за влез во војската било вообичаена процедура во британската армија во тој период. Неговиот полк подоцна бил префрлен во Ирска, а таму Бојкот се оженил.
Откако принудно ја напуштил војската поради здравствени причини, Бојкот станал агент за грофот Џон Крајтон од Ерн, кој пак, поседувал голем имот во областа Мејо во Ирска. Чарлс Бојкот добил понуда да управува со огромното земјиште на грофот Крајтон. Понудена му била фарма, куќа, штали, стар замок и два острова, а работата на Бојкот била да ја собира киријата од ирските фармери кои работеле на земјата на грофот Крајтон.
Долг период Чарлс Бојкот живеел удобен живот и бил почитуван од локалното население, а со текот на времето тој веќе почнал да се однесува и чувствува како автохтон жител.
Ирската земјоделска лига била политичка организација која се залага за укинување на земјопоседништвото и изнајмувањето на земјата на ирските земјоделци. Поради економската криза во земјоделството локалните земјоделци во 1879 година се самоорганизираат и преку Ирската земјоделска лига бараат од Чарлс Бојкот да ја намали закупнината на земјиштето за 25 проценти. Бојкот одбива да го стори тоа, а неговата постапка тотално го променила неговиот живот.
Огранокот на Мејо на Ирската земјоделска лига ги повикува земјоделците да престанат да работат за Чарлс Бојкот и да започнат да го бојкотираат на секаков можен начин. Локалните жители престанале да комуницираат со него и го третирале како невидлив дух. Кога се служела литургија во црквата никој не сакал да седне до него. Неговите ниви повеќе никој не ги обработувал, а годишната жетва пропаднала поради неговата катастрофална одлука.
Од почитуван управител на земјоделско земјиште, Чарлс Бојкот станал најомразениот човек во заедницата. Поради тоа бил принуден да го напушти островот засрамен и понижен.
А неговото презиме тогаш станало светски синоним за бунтовност против она што не ни се допаѓа или ни нанесува штета.
Марко Петревски