Осудениот Бојан Јовановски алијас Боки 13, кој одлежува затворска казна за случајот Рекет, ѝ испратил писмо на амбасадорката на САД во Макдонија, Анџела Агелар во која ја известува дека има документирани докази за „тортура и со незаконито криминално постапување од страна на судските власти кон него“.

„Во моментов се соочувам со сериозна тортура и незаконито и криминално постапување од страна на судските власти, поточно од страна на Основниот кривичен суд Скопје, па оттука чувствувам за потребно да ве известам за реалните состојби во нашиот правосуден систем, дотолку повеќе што за истите мои наводи располагам со докази“, пишува Јовановски.

Натаму во писмото Боки13 пишува:

„Со оглед на вашата императивна заложба за владеење на правото во нашата држава, чувствувам должност да ви ги приложам следните документи од кои неспорно ќе можете да утврдите тенденциозно и незаконито постапување од страна на судот и поигрување со човечки живот, особено важно што мојата здравствена состојба е со животно загрозувачки карактер, согласно сите медицински докази кој ви ги доставувам во овој писмен поднесок заедно со судките одлуки од каде неспорно ќе можете да ја утврдите селетивноста и незаконитото постапување на судот, дотолку повеќе што за ова судско решение изразувам основано сомневања дека е фалсификувано и антидатирано, за кое сомневање иницирав постапки пред надлежните правосудни органи“.

Тој ја моли амбасадорката за помош и бара во најкус можен рок да го посети во КПУ Идризово:

„Ценам дека е потребно и значајно со вас да споделам важни и сензитивни податоци со кои располагам, а истите се од крајно сериозен карактер и директно се поврзани со коруптивни дејствија на поединци и криминал поврзан со лица од највисоки државни структури. Во тоа име, ве молам за заштита од ваша страна, бидејќи се соочувам со реални закани по мојот живот, особено поради тоа што инволивираните лица поседуваат реална моќ и влијание. Во прилог на овој писмен поднесок ви ја доставувам комплетната медицинска документација и судските решенија погореопишани и ве молам за брза реакција“, пишува Јовановски во писмото.