Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица два, Владо Мисајловски, утрово објави на Фејсбук дека во нивната семејна продавница во Ѓорче Петров во три часот изутринава била фрлена експлозивна направа која што предизвика голема материјална штета.

Од власта велат „можеме“ , дека сме на „прав пат“, и дека било „нормално“, но на терен се е поинаку. Околу 3 часот наутро во малата продавница на главната улица во Ѓорче Петров која што моето семејство ја работи со децении, фрлена е експлозивна направа и причинета е материјална штета. Фала му на Бога нема човечки жртви ниту некој е повреден. На свовиден начин се продолжува пироманската традиција откако претходно во текот на изборите 2017-та година имаше пожар во мојот дом. Нема да навлегувам што и како, кој е и каква е нарачката. Пораката која ја праќаат до мене пред стартот на кампањата сама си се испишува, ама одговорот е дека нема да ме поколебате, ниту исплашите! Нема потреба од нервоза, промените се незапирливи. Македонија е мојот дом, и јас од него не се откажувам и огромен мотив плус да се сменат работите. И да на крај ќе додадам, Македонија ќе победи!– напиша Мисајловски во објавата на Фејсбук.

МВР потврди дека денеска во 03.40 часот било пријавено оти на ул. „Ѓорче Петров“ излегува чад од пекара сопственост на Б.М. (62), а претходно се слушнала детонација.

– По пристигнување на полициските службеници на местото на настанот забележано е дека влезната врата е целосно извадена од лежиштето и причинета е материјална штета, па постои основано сомнение дека се работи за подметната експлозивна направа. Повредени нема. Се работи на расчистување на случајот, информираат од МВР.