Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, кој битката со корупцијата во Македонија ја почна со откривање на путер со изминат рок, сега објави дека собрал документација за можен криминал во Боречката и Скијачката федерација на Македонија и ја доставил до Јавното обвинителство.

Антикорупционерот Николовски на вчера на прес конференција со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојоски, рече дека по доставени преставки до неговиот кабинет, истражувале криминал во две наведени спортски федерации.

– Борбата против корупцијата е на секое ниво, потврда за тоа се двата случаи за нерегуларности во работењето на Боречката и Скијачката федерација. Оваа Влада е цврсто одлучна да ставиме крај на ова зло во секоја област, па и во спортот. Нема место за корупција во спортот и федерациите мора да го почитуваат законот. Координативната активност со директорот Мојсовски, јасно ги покажува нашите заложби за борбата против корупцијата и e индикатор за успешна меѓуинституционална соработка, рече Николовски.

Тој додаде дека „по доставените претставки до мојот кабинет за работата на Боречката и Скијачката федерација, со директорот Мојсоски и вработените во Агенцијата за млади и спорт, одржавме неколку состаноци, активирајќи ги сите механизми и алатки на располагање за темелно испитување на состојбите и злоупотребите наведени во претставките и нивно понатамошно процесуирање“.

– Целокупната документација доставена од подносителите против Боречката федерација, од страна на мојот кабинет е доставена до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Овие заеднички и координирани активности се доказ дека нема недопирливи, истовремено и јасна порака дека секаде, во секоја институција каде што ќе се утврди незаконско постапување, злоупотреби и корупција, неселективно ќе се постапува, рече тој.

Борбата за превласт во помалите спортски федерација е постојана, беше речено на прес-конференцијата, и дека „со такви проблеми не се соочуваат само Боречката и Скијачката федерација, туку и Пливачката, Авотмобилистичката…“

Познато и е на јавноста дека антикорупционерот Николовски првото борбено крштевање со корупцијата, по седнувањето на новата фотелја, го имаше со отркивање на путер со изминат рок на употреба.

Секако, треба да се разоткрива криминалот и корупцијата во сите пори на општеството, но при толку милионски тендери и вртење други пари во државата, со „откривање путер“ тешко се добива борбата со криминалот и корупцијата.

А Македонија често е посочувана како една од најкорумпираните држави во Европа.

(Д.Г.)