Унгарскиот премиер Виктор Орбан не доби никаков мандат од Советот на ЕУ да ја посети Москва, а неговиот престој во руската престолнина ќе се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борељ.
Тој изјави дека поради ставот на ЕУ за војната во Украина, нема официјални контакти меѓу Унијата и претседателот на Русија, Владимир Путин и затоа Орбан не ја претставува ЕУ во ниту еден облик, соопшти прес-службата на Европската Комисија.
Во соопштението се потсетува дека претседателот на Русија, Владимир Путин, е обвинет од Меѓународниот кривичен суд и дека е распишана потерница за негово апсење во врска со присилната депортација на деца од Украина во Русија.
Орбан денеска во интервју за радио „Кошут“ изјави дека Унгарија, како претседавач со ротирачкото претседавање со ЕУ, нема мандат да преговара во име на Унијата, но дека Будимпешта сака да преземе чекори кон мир. Тој посочи дека негова задача е да покаже до каде е подготвена да оди секоја страна, по што лидерите на земјите од ЕУ можат да донесат одлука за следните чекори кога станува збор за Украина.
Унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа вчера објави, повикувајќи се на извор од унгарската Влада, дека Орбан денеска ќе отпатува за Москва на средба со Путин.
Орбан беше во ненадејна посета на Киев на 2 јули, каде што се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски.