Бугарскиот премиер Бојко Борисов му честиташе на Зоран Заев за изборната победа и за реизборот за премиер на Македонија, соопшти владината прес-служба во Софија.

– Бугарија неуморно се залага за правото на граѓаните на РС Македонија да бидат дел од европското семејство, рече премиерот Бојко Борисов во честитката до својот колега, пренесува Бгнес.

Борисов истакна дека Бугарија останува доследна во поддршката за европската иднина на својот најблизок сосед, поттикнат од верувањето дека процесот на пристапување во ЕУ ќе биде клучен двигател за реформите и стабилноста.

Бугарскиот премиер посочува дека кога тој и Заев лично го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка на 1 август 2017 година, тие не само што отворија ново поглавје во историјата на билатералните односи, туку и му покажаа на светот дека земјите од регионот се доволно зрели, способни и амбициозни сами да ги решаваат своите проблеми.

– Со тој чин, нашите две земји се обврзаа да работат на зајакнување на економската соработка, врските во образованието и културата, меѓу бизнисот и луѓето од двете страни на границата, му напиша Борисов на Заев. Борисов изразува уверување дека како и пред три години така и денес водечки фактор за политичарите е желбата да се обезбеди подобра иднина за граѓаните, бидејќи односите меѓу Република Бугарија и РС Македонија се развиваат на нивото на кое треба да бидат секогаш – на најблиски соседи и пријатели.

Во честитката до Заев, Борисов додава дека двете земји треба да останат одговорни и посветени на исполнување на целите поставени во 2017 година со потпишаниот договор.

– Во тој дух, искрено се надевам дека Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања наскоро ќе ги продолжи своите активности и дека членовите на РС Македонија ќе покажат конструктивен став и јасна посветеност да се постигне согласност за прашањата што се дискутираат, додава Борисов.