Бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска побара оставки од министерот за финансии Владислав Горанов, министерот за внатрешни работи Младен Маринов и министерот за економија Емил Караниколов.

Одлуката е донесена по состанокот меѓу лидерот на партијата ГЕРБ и бугарски премиер Бојко Борисов и регионалните координатори на партијата.

За време на состанокот, координаторите на партијата побараа од Борисов да ги отстрани тројцата министри поради одбивање предлози, дека ГЕРБ и тројцата министри биле директно зависни од Движењето за права и слободи (ДПС) и пратеникот Делјан Пеевски. Според регионалните координатори, ГЕРБ незаслужено е критикуван поради шпекулациите во врска со ДПС.

ГЕРБ наведува дека партијата високо го цени придонесот на министерот за финансии Владислав Горанов за прием на Бугарија во чекалната на Еврозоната и спроведената политика за финансиска стабилност. За време на средбата, е изразено високо мислење и за министерот за внатрешни работи Младен Маринов, под чие раководство МВР забележа добри резултати во борбата против шверцот, домашниот криминал и трговијата со луѓе и со дрога. Беше пофален и придонесот на министерот за економија Емил Караниколов во зголемувањето на странските инвестиции во Бугарија.

Претседателот на Бугарија, Румен Радев во денешно обраќање до демонстрантите истакна дека интригите на државниот обвинител и на Владата и одбивањето да се слушне гласот на граѓаните само ја продолжува кризата, довербата е изгубена.

– Една недела илјадници Бугари се на плоштадите барајќи оставка од Владата и од државниот обвинител, барајќи слобода, закон и правда. Жителите на Софија, Пловдив, Варна, Бургас, Русе, Стара Загора, Велико Трново и многу други градови се доказ дека протестот е на национално ниво и ги обединува сите возрасти и социјални категории, истакна Радев.

Тој додаде дека протестите се национален консензус против мафијата, корупцијата, поврзаноста на државата и медиумите и против поткопување на демократските институции и закони.

Радев апелираше протестите да бидат мирни и да се избегнува насилство и провокации.

Во Бугарија седми ден по ред се одржуваат антивладини протести.