– Во дваесеттите години на минатиот век, Божик се третирал како главен празник, а дочекот на Нова година речиси воопшто и не се спомнува како празник.
– За време на Втората светска војна, весникот „Целокупна Б’лгарија“, на пример, својот број од 31 декември 1942 година целосно му го посветува на празнувањето на Новата година, подарувајќи им на читателите ѕиден календар за Новата 1943 година
– По ослободувањето, сосема го снемува Божик а Новата година се спомнува само во новогодишните говори на Тито и во бирократските меѓусебни телеграфски честитки на политичарите, со посебен осврт на „големите успеси на народот, народностите и работничката класа.“
Блаже Миневски
Според информацијата објавена во наша „Стара Србија“ на 10 јануари 1924 година, Божик во Скопје пред деведесет години поминал „повеќе од скромно“, односно „далеку поскромно отколку што можело да се замисли“. Во рубриката „Скопска хроника“ меѓудругото пишува дека „во текот на ноќта трештеле пукотници и покрај забраната на жупанот“, а пукотниците зачестиле кога се огласиле камбаните со веста за Христовото раѓање:
„А за тоа време кафеаните беа полни. Од нив допираше хаотична врева низ која се пробиваше по некое пијано ’Рождество твоје…’ Пред зората сé се стиши, но џандарите го имаа напрегнато своето внимание за да забележат некој нацврцкан славеник за да го спроведат во затвор како би се одморил за време на празниците. Сакав да интервјуирам некој од веселите друштва по кафеаните, да прашам зошто по таква скапотија пијат по кафеани, се расфрлаат со пари што ги немаат, и, токму кога мислев дека нема да најдам никој што ќе сака да зборува, седнав до една весело друштво во една кафеана, и оддалеку, за да не се сети, прашав еден од веселниците зошто се изложува на непотребан трошок, кога сето тоа може да се направи дома, а тој ми одговори дека тоа не е мој проблем, а кого му реков дека го прашувам како пријател, тој ми одговори ’ги знам јас таквите пријатели… Кај мене едно, кај жена ми друго…’
И тогаш во кафеаната пукна една пеколна смеа и џагор; еден се качи на стол, друг го повлече да седне, почнаа да летаат чаши, а оној пријател, оној што го прашав зошто не е дома туку во кафеана, одеднаш се сврти кон мене и ми вели:
’Вие знаете дека во овие тешки времиња човек не е во состојба да го прослави Божик така како што сака, како во златните времиња… Доаѓате дома и, наместо да најдете мир, жената веднаш ќе ви скокне со прашања: Јајцата два и пол динари, брашното 12 динари…Ќе седнете, а таа пак за јајцата; ќе легнете – повторно за јајцата, па тоа е неиздржливо. Ете затоа сум овде, и затоа пијам. Јас пијам од жалост, оној таму пие затоа што нема куќа, оној другиот затоа што сака да биде весел, што сакаш повеќе, секој има причина да пие. Седнете и вие, шмркнете во слава на Спасителот’, вели, а внатре загушливо, просто неиздржливо. Одвај успеав некако да побегнам од тој зачаден пекол. Одејќи кон дома, размислувајќи за сé што доживеав, до мене допирааа звуците на циганската музика и пеачите кои врискаа радосни од тага“, запишал репортерот на весникот во јануари 1924 година.
Без маска нема влез во салата за дочек!
А само што поминал Божик, така како што поминал, во истиот број, во бројот од 10 јануари, весникот ја најавува и традиционалната предновогодишна трговска другарска вечер, која, овојпат, треба да се организира во ресторанот ’Москва’: „Како секоја година така и оваа нашите трговци ќе организираат своја другарска вечер во пресрет на Нова година. Вечерта ќе се одржи во ресторанот ’Москва’ а чистиот приход од истата, доколку има, ќе биде наменет за изградба на Трговски дом во Скопје“, притоа, сите што сакаат да присуствуваат на вечерта, „благовремено треба да се пријават кај господата Спира Милошевиќ, Томи Поповиќ или Давид Радуловиќ, кои ќе им дадат поконкретни информации“. И во бројот од 13 јануари 1925 година, одново може да се види дека третманот на настанот ’Нова година како празник’ е миминален, односно објавена е повторно само една кратка вест во која уредникот на весникот на сите свои читатели и пријатели им ја честита Новата 1925 година, како и едно интересно известување за оние што ќе го посетат Новогодишниот актерски бал под маски:
„Дамите и господата посетители на актерскиот бал, кои би дошле како придружници на своите роднини, можат да бидат и без маска, но до полноќ не можат и не смеат да се појавуваат во салата за танцување. По полноќ, кога маските ќе се симнат, слободно можат да ги користат сите простории. За да се реализираат ваквите пропозиции на балот, Одборот подгови специјална просторија, доградба за немаскирани роднини, пријатели и родители, придружници до полноќ, каде што ќе можат да јадат и да пијат на сметка на оние што се забавуваат.“
Сепак, следниот ден, среда, 14 јануари 1925 година, весникот не излегувал, а во бројот од 15 јануари нема ниту една информација за тоа како поминале забавите за дочек на Нова Година, која тогаш се славела на 13 јануари.
Со танц и конфети се чекаше мигот кога ќе се изгаси светлото!
И во весниците на тогашната престолнина Белград, како што бил весникот „Време“, Новата година не се третира како празник. Сепак, во куса информација на дното на третата страница, меѓудругото стои дека „иако непризната, бидејќи доаѓа пред Божик, официјалната Нова година е дочекана синоќа и меѓу старите белграѓани.
Најотмениот Белград беше собран во просториите на „Српски крал“. Со игри и конфети се очекуваше мигот кога ќе се изгаси светлото, испрати старата и дочека Новата година. Од дамите што беа присутни, со елегантните тоалети се издвојуваа г-ѓа Пашиќ, Влајиќ, Вучо, Делини, но и госпоѓиците Вељковиќ, Татиќ, Капетановиќ, Торбица, Бајлони…
“Сосема поинаков бил третманот на Божок. За разлика од Нова година, за Божик биле печатени празнични броеви за неколку дена, како што било случај и со весниците во Скопје. Весникот „Време“, на пример, имал специјални, свечени додатоци посветени на големата прослава на празникот. Оваа разлика во третманот на Божик и Нова година продолжила и во следниот период, со тоа што, една деценија подоцна, дел од весниците печателе карикатури, најчесто свињи, под кои пишувало „Среќна нова 1933-та година“, на пример. Неколку дена пред Божик, на 4 јануари 1933 година, новинарите пишуваат за тоа дека „паѓаат цените на виното и дивечот пред Божик“, што не е случај денес, кога, токму за празниците, цените вртоглаво растат, всушност трговците ја користат празничната еуфорија за екстра профит, односно грабеж. Интересно е што во еден од тогашните дневни весници, во специјалниот Божикен прилог, објавена е карикатура посветена на тогашната светска економска криза, во која карикатуристот Америка ја претставил како забар а Европа како пациент, со текст на стоматологот под карикатурата дека ќе ѝ ги „извади сите златни заби, бидејќи на болната Европа и така не иѝ требаат, зашто не ќе има што да јаде“.