Православните верници утре (7 јануари) ќе го прослават Божик, раѓањето на Синот Божји, Исус Христос. По тој повод архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упатија божиќна порака.

– Возљубени празникољупци, Христовото рождество е празник на радоста, кога ја доживуваме вистината и убавината на нашата вера. Божик е денот на добрата волја, кога Милостивиот Бог се понизил заради нашето спасение, денот кога Бог Миротворецот му подари мир и помирување на човекот и на светот.

Божик е денот кога Создателот стана Богочовек, се роди како човек, за да го спаси човекот. Ете, тој спасоносен настан и денес нѐ повикува со мислите да се пренесеме во онаа неповторлива ноќ во Витлеем и да се потсетиме на даровите од тој неповторлив миг за човечкиот род, за да ја разбереме богооткриената спасоносна вистина.

Со рождеството на Синот Божји се објави тајната на спасението и благата вест за вечниот живот. Оттаму денот на Христовото рождество е празник на небесната радост, која и денес ни порачува да празнуваме со таа радост – што трае.

Возљубени, најмногу од сѐ треба да сме Му благодарни на Бога што сме Негови и што со Неговото име се именуваме. Годинава ќе одбележиме голем јубилеј – 1.000 години од постоењето на Бигорскиот манастир. Имаме светилишта ненадминати во уметноста и архитектурата, по кои светот нѐ препознава и се дел од нашата духовна и културна генеза. Па, да го чуваме тоа што е наш идентитет – и духовен и национален, да го чуваме и зачуваме! Да настојуваме со божикните пораки постојано да бидеме духовно освежени и морално оснажени. Со добри дела да се оддалечуваме од злото, за да може во нас и во нашите домови да владее мирот. Да се трудиме во секого од нас да се разбуди љубовта кон Бога, љубовта кон светата црква и татковината, љубовта кон сѐ што е свето и богоугодно. Со својот живот да придонесуваме Богомладенецот постoјано да се раѓа во нашите срца и да биде во нас и со нас! Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!, стои во божиќната порака на г.г. Стефан.