Околу 700 деца од Охрид, Дебрца и околните населени места со пригодни песни и дефиле низ улиците на градот денеска го најавија Христовото раѓање. Ова е седма по ред традиционална Бадникова поворка, која годинава се одржа под мотото „Бадник за сите, радост за сите“ што предвидува и други содржини од духовен и верски карактер.

Децата учесници во поворката на Градскиот плоштад „Климент Охридски“ пред поставената божикна пештера градоначалникот ги даруваше со божикни пакетчиња.

Претставници на Здружението „Бадникови поворки“ што е коорганизатор на манифестацијата, заедно со уште неколку деца денеска беа во коледарска посета и на претседателската вила „Билјана“ во Охрид, каде коледарите беа дарувани со божикни пакетчиња.

Оваа година по втор пат Бадникова поворка се одржа и во селото Велгошти, а Бадникови поворки на радоста со која се најавува раѓањето на Исус Христос и големиот православен празник Божик се одржаа во уште 39 населени места и градови во земјава.