Европската комисија денеска ги презентираше последните резултати за состојбата со сообраќајната безбедност во ЕУ, која не покажува драстични знаци на подобрување.

– Во текот на 2018 година, на патишта ширум ЕУ загинале 25.100 лица, што е за еден процент помалку во однос на 2017, кога животите ги загубиле 25.300 луѓе, соопшти денеска еврокомесарката за транспорт Виолета Булц.

Според Булц, целта на Европската комисија е бројот на загинати во сообраќајот да не биде повисока од 15.750 во 2020 година и да нема ниту еден смртен случај до 2050.

Четири главни фактори што се идентификувани како причини за смртните случаи во Европа се користењето на мобилни телефони при возење, управување со возила под дејство на алкохол, неприлагодена брзина и не користење на безбедносен појас.

Најбезбедна земја во 2018 била Велика Британија, со 28 смртни случаи на милион жители, а најлоша состојба бележат Романија и Бугарија со 96 и 88 загинати на патиштата на милион жители.

Четириесет отсто од загинатите се пешаци, а најголема стапка на смртни случаи на патиштата има во руралните средини, додаде Булц.

Таа побара и поголемо внимание и за тешко повредените, посочувајќи дека на секој смртен случај во сообраќајот во текот на минатата година потешко биле повредени пет лица, односно вкупно 135.000.

– Го поздравувам секое намалување на бројките, но и еден смртен случај во сообраќајот е неприфатлив, порача Булц.