Советот НАТО-Русија ќе се состане на 31 октомври на амбасадорско ниво за разговори околу нуклеарниот договор за ракети од среден дострел, за кој Русија е обвинета дека го прекршува.

Средбата ќе се одржи само неколку дена по најголемите воени вежби на НАТО по Студената војна во близина на западната граница на Русија.

Ова ќе биде осма средба на Советот НАТО-Русија во последните две години. Советот НАТО-Русија беше етаблиран во 2002 како платформа за дијалог меѓу двете страни, но неговата работа речиси целосно се замрзна во 2014 со почетокот на војната во Украина. НАТО ја суспендираше соработката со Москва, обвинета за нелегална анексија на Крим.

Средбата в среда ќе се одржи во седиштето на НАТО во Брисел.

Рускиот амбасадор при ЕУ, Владимир Чижов, во интервју за МИА неодамна изрази разочараност од содржината на средбите во рамки на овој Совет досега.

– Се среќаваат уште на амбасадорско ниво иако веќе немаме амбасадор во НАТО, имаме вршител на должност. Но немаме позитивна агенда за дискусија. Кога и да се сретнат имаат една точка на агенда. Две всушност: Украина и Грузија. Во ред, не сме против дискусија на тие теми но европската безбедност е многу поширока тема, изјави тогаш рускиот амбасадор.