По референдумот за брегзит одржан во јуни 2016 година, бројот на британски граѓани кои побарале германски пасош значително се зголемил, објави Федералното биро за статистика во Визбаден.

„Во 2017 година,  7.500 британски државјани се запишани во книгата за државјанство на Германија, што претставува зголемување од 162 отсто во споредба со 2016 година, кога забележавме зголемување, особено по јуни”, се вели во соопштение.

Најголемиот дел од тие барања се за британските граѓани кои со години живеат во Германија.

Британските граѓани мора да исполнат некои услови како што е осумгодишен престој во Германија, познавање на германскиот јазик и докази дека тие се способни сами да се издржуваат.   Британците не мора да се откажат од своето британско државјанство кога аплицираат за германско државјанство, што важи за граѓаните на сите земји на Европската унија.

Во исто време,зголемен е и бројот на германски државјани со престој во Британија кои по референдумот за брегзит презеле и државјанство на Велика Британија.