Врховниот командант на украинските вооружени сили, Валериј Залужни, изјави дека Русија досега загубила двојно повеќе авиони во Украина отколку во советско-авганистанската војна. И британското Министерство за одбрана, во својот најнов извештај за војната во Украина, објавува сопствена проценка за состојбата на руските воздухопловни сили и нивните загуби од почетокот на инвазијата на Украина, потсетуваат британските медиуми.

Според тврдењата на генералот Залужни, Русите досега во Украина загубиле 278 авиони, додека во Авганистан нивната бројка била 119.

Иако британското Министерство за одбрана не може независно да ги потврди овие бројки, оттаму, сепак, наведуваат дека  недостатокот на руската војска во воздухопловниот сектор веројатно е влошен поради лошата обука, загубата на искусни екипажи и зголемените ризици во густите украински зони за воздушна одбрана.

„Мала е веројатноста тоа да се промени во следните неколку месеци. Загубите на руските авиони веројатно далеку го надминува нивниот капацитет за производство на нови авиони. Времето потребно за обука на компетентни пилоти дополнително ја намалува способноста на Русија да ја обнови својата борбена авијација“, се наведува во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана за состојбата на руската војска во војната во Украина.