Четири лица загинаа во бродска несреќа на езерото Маџоре во северна Италија, соопштија утрово противпожарната бригада и италијанската новинска агенција АНСА.

Како што пренесе ДПА, пожарникарите првично соопштија дека три тела биле извлечени откако брод се превртел на јужниот крај на езерото во близина на градот Лисанца, на околу 50 километри северозападно од Милано.

Новинската агенција АНСА подоцна соопшти дека четвртото тело било пронајдено на длабочина од 16 метри блиску до потонатиот брод, додавајќи дека се верува дека нема други исчезнати лица.

АНСА соопшти дека туристичкиот брод, на кој имало околу 24 лица, се превртел во неделата поради ненадеен силен ветар. Дваесет луѓе се спасени неповредени.

Според претседателот на регионот Ломбардија, Атилио Фонтана, едриличарскиот брод долг 16 метри бил изнајмен од туристи.