Повеќе од 90 луѓе загинаа откако брод вчера се преврте крај северниот брег на Мозамбик, соопштија локалните власти, пренесе ДПА.

Луѓето кои се наоѓале на бродот бегале од епидемија на колера и патувале од Лунга до островот Мозамбик, во близина на брегот на Нампула, јавија локалните медиуми.

Рибарскиот брод можел да собере најмногу 100 луѓе, изјави претставник на управата на островот за телевизијата СТВ. Сепак, на бродот имало околу 130 луѓе.

Новинската агенција АИМ, повикувајќи се на претставник на поморската управа, објави дека бродот се превртел поради високи бранови.

Мозамбик моментално е погоден од најголемата епидемија на колера во последните 25 години, според организацијата на ОН за помош на децата – УНИЦЕФ. Од почетокот на епидемијата во септември 2022 година, пријавени се повеќе од 37.000 случаи.

Фото: МИА архива