Бројот на загинати во несреќата во сибирскиот рудник денеска се зголеми на 52, пренесоа руските новински агенции, повикувајќи се на итните служби.

– Според прелиминарните информации, никој во рудникот не преживеа. Загинаа 52 лица, изјави извор цитиран од новинската агенција ТАСС.

Изјавата ја пренесоа и агенциите РИА Новости и Интерфакс, прецизирајќи дека меѓу загинатите има 46 рудари и 6 спасувачи.

Локално истражно тело отвори истрага за прекршување на безбедносните стандарди и синоќа соопшти дека се уапсени директорот на рудникот, неговиот заменик и одговорните за областа каде што се случила несреќата.

– Тоа е огромна трагедија, изјави рускиот претседател Владимир Путин оддавајќи им почит на службите за итни случаи, кои дадоа се од себе.

Властите соопштија дека околу 8 часот добиле пријава за чад во рудникот Листвиајнаја во градот Грамотејно, во сибирскиот регион Кемерово, каде што се наоѓаат бројни рудници за јаглен.

Според локалните медиуми, во моментот на несреќата во рудникот имало 285 лица. Засега не се познати причините за инцидентот.

Рудникот е во сопственост на компанијата СДС-Угол, една од најголемите руски производители на јаглен.