Бројот на загинати од лизгање на земјиштето и поплавите предизвикани од првата тропска бура на Филипините оваа година се искачи на 172, а 110 лица се уште се водат како исчезнати, соопшти денеска филипинската служба за управување со катастрофи.

Повеќето од жртвите, 156 биле од провинцијата Лејте, на околу 600 километри југоисточно од главниот град Манила, каде лизгањата на земјиштето ги опустошиле заедниците во градовите Бајбај и Абујог.

Шеснаесет луѓе ги загубија животите во други области погодени од поплавите предизвикани од тропската бура Меги од 10 април, додаде службата.

Повеќе од два милиона луѓе во 30 провинции беа погодени од невремето, кое принуди повеќе од 207.500 жители да ги напуштат своите домови и да останат во центрите за евакуација.

Потрагата по исчезнатите лица продолжува и покрај загриженоста за безбедноста на спасувачките тимови во областите каде има лизгање на земјиштето, изјави Марк Тимбал, портпарол на државната служба за катастрофи.

– Засега нашите спасувачки служби не ги прекинаа своите операции. Повеќе од 300 членови на тимот се мобилизирани да им помогнат на жртвите, изјави Тимбал за радио станицата ДЗББ во Манила.

Секоја година во просек по 20 тропски циклони го погодуваат филипинскиот архипелаг.