Стратешка грешка е бугарското вето на С. Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ, вели експремиерот и екслидер на СДСМ, Владо Бучковски во интервју за ТВ Европа.

– Се надевавме дека европска Бугарија ќе го европеизира Балканот, но за жал, видовме балканизација на Европа, рече Бучковски.

Тој додава дека во Македонија има говор на омраза, но тој не доаѓа од владетелите, туку од опозицијата и нејзините медиуми.

Според Бучкоски има политичари од Бугарија кои го злоупотребуваат македонското прашање, што ги попречува билатерални односи.

– Стратешка грешка е одлагањето на преговорите за членство на Скопје во ЕУ. Но, очигледно е дека некои политичари во Бугарија го злоупотребуваат ова прашање, рече Бучковски.

Тој смета дека „е изгубена битка, но не и војната за нашата држава“. Според него, „нема логични причини за одложување на одлуката за почеток на преговори меѓу С. Македонија и ЕУ“.

–Договорот мора да успее, категоричен е Бучковски.

Во врска со тврдењето на Бучковски за говорот на омраза кон Бугарија, да потсетиме дека претседателот на УО на државната новинска агенција, Зоран Иванов беше разрешен од оваа функција токму поради „говор на омраза“ кон бугарската министерка Екатерина Захариева.

Но, не само овој случај, има уште бројни други примери на говор на омраза од, како што вели Бучковски, „владетелите или ним блиски“ во медиумите и на социјалните мрежи. Но, Бучковски не ги видел или не сака да ги види, полесно е за се да се обвини опозицијата и опозициските медиуми. Како беше онаа познатата: Од дрвјата не ја гледа шумата?!

(Д.Г.)