Изненаден сум од нападот на поранешниот вицепремиер Никола Димитров кон Бујар Османи, со што ги загрози нашите позиции во однос на Бугарија, изјави доскорешниот специјален претставник на Владата во преговорите со Бугарија, Владо Бучковски, кој беше гостин во синоќешната ТВ емисијата „24 анализа“.

– Неговите изјави ме изненадија и сум прилично зачуден. Непотребно ги загрози нашите позиции во однос на Бугарија. Станува збор за искусен политичар и тоа беше неочекувано од негова страна, рече Бучковски.

Според Бучковски, новите преговори помеѓу Скопје и Софија водат кон придвижување и кон враќање на довербата.

– Идеален рок за првите очекувања ќе бидат во првите трите месеци, а за мене е важно кој сè ќе влезе во тие групи. Проблемите не се само политички, двете општества се реално оддалечени едно од друго многу повеќе отколку пред година и пол. Но, за само една недела се направи многу повеќе отколку што се направи за една година. Во Бугарија има една критичка јавност која не е превладувачка, но која прави реални анализи. Доминира повеќе говорот на омраза кај бугарските политичари, рече Бучковски.