Овој парламентарен состав на заминување ќе ги направи измените на Уставот, вели поранешниот премиер и екс специјален претставник на Владата на Зоран Заев за Бугарија, Владо Бучковски.

Тој во изјава за неделникот Фокус вели дека опозицијата “отиде предалеку“ со, како што вели, “манипулациите и фаталистичките прогнози за асимилација и бугаризација“.

– На моменти имав впечаток дека сме во 2003 или во 2004 година, кога со груби манипулации и фаталистички прогнози за федерализација на Македонија го попречуваа имплементирањето на Охридскиот рамковен договор и носењето на новиот Закон за територијална организација на локалната самоуправа. Реално, сега и ним им е тешко да се вратат назад, ќе треба да помине време, година, година и пол, вели Бучковски.

Тој додава дека со истекот на овој временски период, потребен за да ја подготват излезната стратегија и да се заборават дел од нивните сегашни ставови и зборови, сегашната опозиција ќе поддржи уставни измени.

Според Бучковски, шансите за избори наесен се минимални, но, како што нагласува тој, се очекува есента 2023 година ВМРО-ДПМНЕ „да ја смени плочата пред отпочнувањето на процедурата за уставни измени“.

– Овој парламентарен состав на заминување ќе ги направи измените на Уставот. Би било рационално ВМРО-ДПМНЕ пред изборите да си отвори простор за соработка со партиите на Албанците, но и да се претстави на меѓународниот фактор како одговорна, прозападна партија, која претендира да биде сериозна алтернатива на сегашната владејачка коалиција, вели Бучковски.

Извор: Фокус