Населението во Бугарија веќе е под седум милиони луѓе, покажале податоците при Одделот за економски и социјални прашања на ООН.
Академик Петар Иванов, шеф на Демографскиот институт при Бугарската академија на науките, податоците ги прокоментирал со зборовите:
„Бугарија е во клиничка демографска смрт, таа умира… ние сме нација што најбрзо исчезнува во светски рамки!“
Според пописот во 1946 година, Бугарија имала 7 029 349 жители, а во 1985 година тој број изнесувал 8 948 649. Според податоците на ООН, сега тој број е под седум милиони, што значи во последните три децении Бугарија загубила два милиони луѓе и сега има помалку дури и од 1946 година, значи од годината по завршување на Втората светска војна.