Бранка Д. НАЈДОВСКА за МИА
Мила Михова е бугарска оперска пејачка (сопран), родена во Софија во 1987 година. Таа доаѓа од музичко семејство: мајка ѝ е познатата бугарска оперска примадона Дарина Такова, а татко ѝ, Огнен Михов е саксофонист и кларинетист.
Дипломирала на Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров” во Софија, а пеењето го усовршувала со мајка си, како и со Лукреција Меса (експерт по методот Voice Craft). Била стипендист на фондацијата „Раина Кабаиванска” при Новиот бугарски универзитет, а во 2013-та, добила стипендија од фондацијата „Борис Христов” за Оперското студио при Академијата „Санта Чечилија” во Рим, каде работела со легендарната Рената Ското, една од најголемите италијански оперски сопрани на минатиот век. Која покрај тоа што била извонредна пејачка, таа работела и како оперска режисерка и професорка по пеење. Подоцна се дообразувала и со Мариела Девија, светски позната италијанска оперска пејачка, сопран, една од најценетите интерпретаторки на „бел канто“ репертоарот во 20-от век, особено позната по изведбите во делата на Росини, Доницети и Белини.
Несекојдневната Михова има настапувано успешно на оперските сцени во Португалија, Стара Загора, Пезаро… добитничка е на повеќе меѓународни признанија за своите вокални изведби.
Заедно со пијанистот Николај Стојков го создава проектот „BJORK Alternative” — аранжмани на песните на Бјорк за оперска пејачка. Автор е и на две хумористични книги, објавени кога имала 22 и 30 години. Активна е и како оригинален инфлуенсер на социјалните мрежи.

Сте изведувале и барокен репертоар (Монтеверди) и „бел канто“ (Доницети). Дали гласот и телото бараат сосема поинаква подготовка за овие два стила, или пак постои некаква заедничка нишка?
-Барокната ера и Моцарт природно го подготвуваат инструментот и телото за вокалните предизвици на „бел канто“ – флексибилност на фразата, прецизна колоратура и пеење „sul fiato“ се фундаментални барања кои остануваат константни без оглед на стилот на изведба. Секако, „бел канто“ бара уште поголема слобода во ракувањето со вокалните бои и нијанси, што пак го подготвува пејачот за Верди.
Не е случајно што академскиот пристап кон репертоарот во обуката на млади оперски пејачи следи хронолошка прогресија. Барокниот стил поседува препознатлива театралност и чувство на величина во секој гест, додека во „бел канто“, ликовите стануваат поприродни и почовечки.
Имате настапувано во Италија, Шпанија и Германија. Дали забележувате разлика во начинот на кој публиката во различни земји реагира на оперското пеење, или музиката навистина зборува универзален јазик?
-Забележав разлика која во повеќето случаи произлегува од националниот темперамент. Во Италија, публиката чувствува посебна гордост што нивната земја е колевка на нашата уметност и имаат тенденција да реагираат поемотивно.
Сепак, кога дебитирав во Германија, доживеав еден вид шок бидејќи публиката остана воздржана и без видлива реакција во текот на целиот настап – мислев дека изведбата едноставно не оди добро. Подоцна сфатив дека тоа е нивниот начин на однесување: тие ја чуваат реакцијата за завршниот аплауз, кога навистина дарежливо ве наградуваат за настапот. Германската публика е многу страсна – тие едноставно сè чуваат за крајот.

Дали имаше момент во вашата кариера кога сфативте дека вашиот глас „созреал“ во нова насока и дали тоа влијаеше врз изборот на репертоарот?
-Ова е интересна тема за мене. Имав 23 години кога Рената Ското ми рече дека вистинскиот глас ќе го откријам дури по триесеттата година. Тогаш се чувствував прилично обесхрабрено, бидејќи тоа ми изгледаше како далечна иднина. Сепак, таа се покажа како многу далекувидна, бидејќи низ годините мојот глас значително се менуваше и постојано се развиваше – а и сега продолжува да претрпува трансформации. Сепак, откако наполнив 30 години, ја сфатив вистинската тежина, волумен, темброт (карактеристична боја или квалитет на звукот, нов.заб.), и насока на мојот инструмент и благодарна сум што го дочекав тој момент; тоа ме одведе до интересни улоги за какви што не се осмелував ниту да сонувам.

Абигајл („Набуко“) е една од тешките драмски сопрански улоги во целиот репертоар на Верди, исцрпувачка и физички и вокално. Како се подготвувавте за оваа улога, знаејќи дека многу пејачи ја избегнуваат токму поради огромниот напор што таа го бара од гласот?
-Знаете, мислам дека таквата перцепција за Абигајл постои бидејќи има историски примери на пејачки што станале синоним за таа улога – како нашата Гена Димитрова. Претпоставувам дека многу пејачки ѝ пристапувале на улогата со страв, чувствувајќи дека мора да го имитираат тој специфичен вокален стил и монументалната природа на ликот. Кога ми се укажа можност да дебитирам во „Набуко“ во Германија, го почувствував истиот страв и се запрашав: „Како да ја испеам оваа улога со ‘својот’ глас?“ Но, за среќа, Раина Кабаиванска беше тука да ме насочи; таа рече: „Ќе ја направиш улогата своја – користејќи го сопствениот глас, сопствениот темперамент и пристапот дека пееш ‘бел канто’“.
И таа беше во право, бидејќи раниот Верди е силно под влијание на драмскиот „бел канто“. Токму тоа и го направив – ги барав сопствените тонски бои и лиричност во ликот, постојано истакнувајќи ја човечката страна на оваа негативка. На крајот на краиштата, улогата на Абигајл никогаш не ме исцрпуваше; од една страна, таа е многу добро темпирана низ целата опера, а од друга, не е толку обемна како, на пример, Виолета во „Травијата“, која пее речиси непрекинато од почетокот до крајот. Всушност, Виолета повеќе му одговара на мојот глас и со задоволство ја изведувам таа улога, но ја прифатив дури „после“ моето деби како Абигајл; верувам дека голем дел од она што го постигнав во „Набуко“ ми овозможи да ѝ пристапам на „Травијата“ со целосна опуштеност и сигурност.

Покрај операта, снимате и музика за театар. Дали поинаку пристапувате кон интерпретацијата кога пеете за театарска претстава во споредба со оперската сцена?
-Театарската музика беше дел од мојата рана работа. Фасцинантно е да се соработува со современи композитори и да го слојувам сопствениот глас врз повеќе вокални делници за да создадам сложена полифонија. Благодарна сум што театарскиот режисер Јавор Гардев и композиторот Калин Николов го искористија мојот глас во нивните продукции и се надевам дека ќе имам можност повторно да го сторам тоа.
Го создадовте проектот „BJORK Alternative“, во кој ги аранжиравте песните на Бјорк за оперски глас. Што ве поттикна да го „преведете“ нејзиното творештво на јазикот на операта и дали публиката на почетокот беше скептична?
-Вистината е дека самата Бјорк и нејзиниот продуцент, Јонас Сен, ги создадоа овие аранжмани, а тие првпат ги изведе исландска оперска пејачка – сестрата близначка на Сен. Кога фестивалот за пијано ppIANISSIMO во Софија нè покани да го преземеме овој проект, мојот колега Николај Стојков (пијано, чембало, челеста) и јас се потопивме во музиката на Бјорк во нејзината најсурова форма; лишена од електроника и специјални ефекти, музиката е ритмички и хармонично многу сложена. Ја прифативме понудата затоа што организаторите на фестивалот категорично ни рекоа: „Само вие можете да го направите ова“. Овој проект нè однесе на многу места, вклучително и преноси во живо на Radio France Musique, и сум воодушевена што издавачката куќа на Бјорк ги оцени нашите настапи со толку високи пофалби.

Вашата биографија на Инстаграм е кратка и духовита, како и често вашите статуси. Дали користењето хумор на социјалните мрежи е намерна стратегија за да се оддалечите од сериозниот имиџ на оперски пејач, или едноставно такви сте и приватно?
-Станува збор за комбинација од двете – тоа навистина е дел од мојата личност, но свесно ја користам оваа особина; верувам дека начинот да се привлече млада, нова публика во концертните сали и оперските куќи е таа да ги доживее уметниците како луѓе што се целосно во чекор со времето. Ги знаете клишеата за оперските пејачи – дека се претенциозни, старомодни, арогантни и постојано опседнати со тоа да не настинат. Но, вистината е дека оперските пејачи се модерни луѓе кои патуваат, се дружат, постојано учат, секојдневно ги поместуваат своите физички граници и сакаат да се забавуваат.

Во време кога уметниците често негуваат „испеглана“ јавна слика, вие како да избирате поинаков пат, кој е директен, ироничен и човечки. Дали тоа претставува ризик во светот на операта, кој традиционално е прилично конзервативен?
-Тоа е ризик, но засега се исплати. Не сакам да се преправам дека сум некој што не сум – мојата работа и онака бара од мене да влегувам во разни улоги, па затоа во приватниот живот се трудам да бидам што е можно поавтентична, без филтри или вештачко држење, и се обидувам да не се сфаќам премногу сериозно. Колку посериозно се сфаќате себеси, толку помалку сериозно ќе ве сфаќаат другите.
Можеме ли да очекуваме да ве видиме на настап кај нас, и ако е така, кога?
-Искрено се надевам на тоа! Имате прекрасна оперска куќа, како и Мајскиот оперски фестивал, и би ми било драго да настапам пред македонската публика.




