Што е скандалозно со Цар Борис Трети, кој е познат како обединител и кој беше еден од најпопуларните личности во Македонија во тоа време, прашува бугарскиот историчар Пламен Павлов.

Павлов реагираше и пред неколку дена, при прогласувањето на Кирил Лешочки за светец од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, а сега реагира поради предложените измени во законот за фондации, што ги засега бугарските клубови Ванчо Михајлов во Битола и Цар Борис Трети во Охрид.

– Што е скандалозно со Иван Михајлов, кој целиот свој живот го даде за слободата на поробените Бугари, а не само на Бугарите во Македонија? Што е скандалозно со Цар Борис Трети, кој е познат како обединител и кој беше еден од најпопуларните личности во Македонија во тоа време?, прашува професорот од Факултетот по историја на универзитетот Свети Кирил и Методиј од Велико Трново.

Според него, доволно е да се погледне колку луѓе во Македонија го носат името Борис, иако ја негираат нивната врска со царот што беше сојузник на Адолф Хитлер во Втората светска војна.

– Дури и една соодветна статистика покажува дека Борис Трети не е ни толку спорна личност. Во крајна линија, тој е симбол на Бугарија и на националното обединување, објаснува Павлов за бугарскиот портал Актуално, пренесува Експрес.

Тој за иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е „уште еден акт на недобронамерност кон Бугарија, на нарушување на елементарните човекови права, на европските принципи и на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година“.