Професорот од Софија, Иван Динев Иванов, кој предава на Американскиот универзитет во Синсинати, САД, синоќа се извини за сите жртви од фашистичкиот период во Бугарија, не само во Македонија туку и во Грција.

– Јас жалам за секој еден човек кој е убиен во Македонија, а такви има, и не само за тие кои се убиени во Македонија, туку и за тие кои се убиени во Грција во Драмското востание. Јас во мое име кажувам дека жалам за секој еден човек. Дајте сега да погледнеме со други очи, еден кон друг, и да продолжиме напред, порача Иванов, во синоќешната емисија Само вистина на ТВ Канал.

Обраќајќи им се на гледачите, тој рече дека нема начин за „бугаризација“.

– Не плашете се браќа и сестри Македонци, нема начин да има бугаризација, ви гарантирам јас, нема такво нешто, рече Иванов.

Тој им порача Македонците да си го чуваат идентитетот и посочи дека сака земјава да го зачува идентитетот и да стане членка на Европската Унија, да соработува со Бугарија, градејќи инфраструктура, градејќи човечки односи, уривајќи ѕидови, градејќи мостови со Бугарија и со сите останати земји.

Осврнувајќи се на Договорот за добрососедство со Бугарија, Иванов посочи дека се направени грешки од бугарската страна.

– Грешки беа направени од бугарска страна. Има луѓе во политичката елита кои го искористија тоа намерно да направат една „срамота“ со ветото и тоа навистина создаде големи проблеми и голем негативизам. Денот кога ветото беше објавено јас кажав дека ‘Бугарија сама на себе си стави вето’. Претседателот Радев греши и тоа го кажав, дека тоа што претседателот Радев мораше да го каже дека ние не можеме да дозволиме антибугарски национализам во Македонија и тоа јас се согласувам, а со македонизмот јас немам проблем, рече проф. Иванов.