На оваа програма гледаме како на заедничка придобивка – преку нашите национални културни вредности да ја збогатиме колоритноста на идентитетската карта на Европа и преку дијалог и меѓусебно почитување да создадеме заеднички културен простор, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска вчера попладне на свеченост на Форумот на Културните рути на Советот на Европа, која се одржа во Хања на Крит.

Министерството  за култура денеска информира дека церемонијата ја отвори амбасадорот Патрик Енгелберг, претседавач на Статутарниот комитет на Договорот за парцијално проширување на Културните рути 2022, кој им го честиташе вклучувањето на новите членки, Македонија, Либан и Албанија.

 Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази благодарност што Македонија станува дел од оваа уникатна иницијатива.

-Ние сме и сакаме да бидеме и чувари и градители на европските вредности. И преку овие културни рути, ја отвораме нашата земја за да ја надополниме богатата европска историја. Веќе наоѓаме ‘станици’  во утврдените 48 културни рути – од патот на браќата Кирил и Методиј,  жените писателки, до патот на приказните;  од патот на керамиката до патот на виното и на маслинките, но имаме идеи и енергија за нови патешествија. Зошто да не и: културни рути на аквадуктите, на европските езера, на европските планински врвови, патот на јагулата, до патиштата на вкусовите кои се вкрстуваат и на трпезата нè поврзуваат, рече Костадиновска-Стојчевска.

 Досега Македонија преку неколку компании  беше дел од Рутата на маслиновите дрва и Винската рута, Итер Витис. Сега, како рамноправна членка, посочува Министерството, нашата држава има широка платформа за приклучување во европските мрежи за промоција и афирмација во сите полиња на општествениот и економскиот сектор.

– Културните рути овозможуваат развој во полето на културата, но и на економијата и одржливиот туристички капацитет на секоја земја, унапредување на односите и комуникацијата во заштитата на културното и природното наследство, во архитектурата и секој вид посебност што културните патеки го нудат за поврзување низ времето и просторот на Европа, користејќи ги придобивките од историјата, но и од актуелните достигнувања на секоја земја, соопшти Министерството за култура. 

Советот на Европа преку Културните рути ги унапредува и афирмира човековите права, културната различност, меѓукултурниот дијалог и меѓусебната размена преку границите.