Министрите на британската влада отворено се побунија против премиерката Тереза ​​Мај и бараат нејзино разрешување, а преговорите за Брегзит би ги завршил привремен премиер, објавија британски медиуми.

„Телеграф” објави дека министрите сакаат да го спасат Брегзит и да го спречат Парламентот да ја преземе контролата врз тој процес.

Според „Сандеј тајмс“, најмалку шест министри сакаат нејзиниот заменик Дејвид Лидингтон да ја преземе функцијата премиер до формалните избори.

Весникот додава дека министрите в понеделник ќе се соочат со премиерката на владина седница и ќе се заканат со масовни оставки ако таа не се повлече.

Освен за Лидингтон, поддршка има и за актуелниот шеф на дипломатијата Џереми Хант и министерот за животна средина, Мајкл Гоув, објави Дејли меил.

Велика Британија првично планираше да ја напушти ЕУ на 29. март, а со ЕУ е постигнат договор за одложување на брегзит до 22. мај, ако британскиот Парламент следната недела усвои договор за брегзит. Во спротивно, на Велика Британија и се заканува напуштање на Унијата без договор.