Македонскиот православен свештеник во Егејска Македонија, Грција, архимандритот Никодим Царкњас на 23 февруари, како што објавивме, бил нападнат од една група млади лица во Саботско, Грција додека се движел со својот автомобил.
Ова го пренесоа од Обединетата македонска дијаспора со седиште во Вашингтон која сподели и фотографии од оштетеното возило што го управувал 80-годишниот свештеник.
Во изјава за ТВ 24 Царкњас го потврди настанот и вели физички повреди немал но многу се исплашил зашто лицата удирале со клоци и со тупаници по возилото. Еден од нив дури и излегол пред возилото за да му го попречи движењето но, не успеал во тоа. Сега тој со лажни сведоци, вели Царкњас, го тужел дека свештеникот сакал да го изгази.
Сето ова е поради тоа што јас се декларирам како Македонец, вели Царкњас, и што проповедам на македонски јазик во нашата македонска црква во овој дел на Грција. Правдата ќе ја бара на суд.
За нападот реагираше и Светскиот македонски конгрес и побара од македонското Министерство за надворешни работи соодветно да реагира кај грчкото и да ги заштити Македонците во Грција.